Владата на редовната седница во вторник ќе ја донесе одлуката за формирање на годинешната училишна кошничка, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп.
Премиерот истакна дека оваа мерка е дизајнирана со цел да им обезбеди олеснување на граѓаните пред стартот на новата учебна година.
„На следната владина седница во вторник ќе донесеме одлука за формирање на училишната кошничка. И мислам дека во рамките на можностите сето тоа ќе биде атрактивно и за родителите и за учениците. Така што, во вторник имаме редовна владина седницва и тоа ќе се донесе како одлука“, изјави Мицкоски.
Инаку, изјавата на премиерот беше дадена за време на увидот во градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Кузман Јосифовски“ и изградбата на кружниот тек кај мостот „Табана“ во Прилеп.
Предвидено е мерката да ги опфати сите основни училишни материјали што најчесто се набавуваат пред почетокот на учебната година, меѓу кои ранци, тетратки, моливи, гуми, линијари, лепила, маркери, блокови, како и материјали за ликовно и техничко образование.
Со ваквиот владин потег се очекува значително да се намали финансискиот товар за семејствата во периодот кога трошоците за опремување на учениците традиционално забележуваат раст.


