Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција потенцираше дека одлуката на обвинителството за затворање на предметот за набавката на модуларните болници јасно потврдува дека нема злоупотреба на службената должност и нема штета на буџетот, а со тоа паѓаат и петгодишните лаги на Мицкоски и ВМРО. Филипче порача дека после оваа одлука , Мицкоски треба да им нека им се извини на семејствата на загинатите со чија болка си игра пет години.

„Барам организираната криминална група ВМРО да се извини. Не мене да ми се извини, да се извини криминалната група и Христијан Мицкоски да се извини на семејствата на загинатите. Затоа што пет години си поигруваат со нивните чувства, со нивните емоции и со нивната жал. Да се извини и на граѓаните, затоа што пет години шират лажни вести. Затоа што го загадуваат јавниот простор со несоодветен наратив. Мене не мора да ми се извинат, јас тоа од нив не го барам. Многу добро знам со какви луѓе си имам работа“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ  потсети дека по пожарот во модуларната болница во Тетово тој поднесе оставка како морален и човечки чин, за разлика од денешната власт која, нема ниту сочувство ниту одговорност.


„Јас после пожарот во Тетово поднесов оставка, како морален човечки чин. Денес гледаме како кога има толку заразени луѓе, кога тоа се случува со загадената вода во Гостивар, Христијан Мицкоски оди на екскурзија. Денес повторно си игра со чувствата на луѓето, повторува неколку пати на прес-конференција, живи и изгорени луѓе и така натаму, и јас сега тоа нема да го правам споредба“ рече Филипче.


Филипче посочи дека обвинителството со вчерашната одлука потврди дека  во неговото работење нема злоупотреба, ниту финансиска штета, што, како што посочи, е одраз на начинот на кој ги извршува сите свои функции.


„Јасно кажа, обвинителството нема злоупотреба на службената должност, нема штета на буџетот и тоа го отсликува целокупното мое работење секаде, дали на клиника во интерес на пациентите некорумпирано, така и во рамките на другите функции кои што сум ги имал, се во интерес на граѓаните без никаква штета по никого“ рече Филипче.


Тој додаде дека Мицкоски и неговата организирана криминална ВМРО да се соочаат со фактите, пет години ја користат трагедијата за политички пресметки и ширење лаги.

„Меѓутоа на Христијан Мицкоски и на неговата организирана криминална група, на главниот ПР советник Латас, им требаше убиец. Пет години зборат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле, замислете, јас што спасувам животи, за кој што здравјето на граѓаните ми е на прво место, не престанаа. Не престанаа ни вчера, после одлуката на обвинителството, излегоа некои млади членови на криминалната група, го продолжија тоа, денес премиерот исто така на прес-конференција.“ рече Филипче.

Exit mobile version