Од денеска повторно започна да работи ПЕТ-скенот, а за првиот ден се закажани девет пациенти откако беше донесена потребната количина на радиоизотоп од Истанбул, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

За да се обезбеди непречено работење и во сабота, Министерството преговара за набавка на изотопи и од Софија, бидејќи центарот во Истанбул не испорачува во петок за задоволување на потребите за задоцнети термини.

„ПЕТ-скенот во изминатите години работел приближно 2.100 до 2.200 снимања годишно. Минатата година со новото раководство е постигнат рекордот од 2.700 снимања, што приближно е максимумот што може една камера да постигне. До започнување, прво на редовното сервисирање на ПЕТ-скенот, се направени околу 1.100 снимки и со забрзана работа верувам дека можеме да стигнеме до 2.200 до 2.300 снимки оваа година“, рече Клековски.

Тој додаде дека според статистиките од референтни земји, државата треба да таргетира од 5.000 до 6.000 снимки годишно, со оглед на тоа што апаратот освен за онколошки и хематолошки пациенти, се користи и во неврологијата.

Министерот посочи дека е во постојана комуникација со ПЕТ-центарот и клиниките за Онкологија, Хематологија и Неврологија со цел да се обезбеди континуитет во прегледите, а како долгорочно решение го најави купувањето на дополнителна опрема.

„Повеќе пати го зборувам тој дел, да набавиме втора ПЕТ-камера и алтернативни планови за снабдување ако циклотронот е во репарација или се расипе“, истакна Клековски.

Прегледите ќе продолжат со динамика од девет до десет пациенти дневно, а министерот очекува наскоро да се реши и проблемот со циклотронот.

Exit mobile version