Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, заедно со стручни тимови, остварија официјална посета на Република Србија. Тие се сретнаа со српскиот министер за земјоделство проф. д-р Драган Гламочиќ, како и со потпретседателката на Владата и министерка за стопанство, Адријана Месаровиќ.

Во фокусот на разговорите беа унапредувањето на соработката во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, како и создавањето услови за побрз, поедноставен и побезбеден промет на стоки меѓу двете земји.

На средбата со министерот Гламочиќ се разговараше за увозот, извозот и транзитот на живи животни, производи од животинско потекло и земјоделско-прехранбени производи, со акцент на забрзување и поедноставување на ветеринарните и фитосанитарните постапки. Беше опфатена и контролата на млекото и млечните производи, како и примена на договорите во рамките на „Отворен Балкан“ и ЦЕФТА за намалување на чекањето на граничните премини.

Министерот Серафимовски ја истакна важноста од практичната примена на овие механизми на терен.

„Потребно е договорените механизми да дадат конкретни резултати за земјоделците, производителите и компаниите, преку побрз проток на стоките и отстранување на непотребните административни бариери“, истакна Серафимовски.

Директорот на АХВ, Оливер Миланов, стави акцент на директната координација меѓу ветеринарните служби.

„Потребна е непосредна и континуирана комуникација меѓу ветеринарните служби на Македонија и Србија, особено во однос на увозот, транзитот и извозот на живи животни и производи од животинско потекло“, потенцираше Миланов.

На средбата со министерката Месаровиќ беа потврдени заложбите за отстранување на бариерите за бизнисот, со цел да се овозможи подобро поврзување на компаниите и заемно искористување на потенцијалите за заеднички настап на регионалните и другите пазари.

Exit mobile version