Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес изврши увид во градежните активности за целосна реконструкција на објектот на месната заедница во населбата Пинтија.
Се работи за темелна санација со која ќе се подобрат конструктивните и физички својства на постоечкиот објект, кој со години е во лоша состојба. Целта е да се создаде современ, функционален и безбеден простор за активности од интерес за локалната заедница.
Реконструкцијата се финансира преку Владината програма за капитални проекти, поддржана со унгарски кредит.
Со овој проект, Стаменкоска-Трајкоска го означи почетокот на реализацијата на активностите од својата програма за работа, која предвидува динамично спроведување на започнатите инфраструктурни зафати и иницирање на нови, од значење за подобрување на квалитетот на живот во сите делови на општината.
– „Пинтија е населба со долгогодишна традиција и активна заедница на граѓани кои заслужуваат современи и функционални услови за работа и комуникација. Овој објект има посебно значење за локалниот живот и затоа инвестираме во негова темелна реконструкција за да создадеме безбеден, енергетски ефикасен и уреден јавен простор. Ова е само почеток на реализацијата на сериозната програма што им ја понудивме на граѓаните, која ќе обезбеди континуитет во капиталните инвестиции и рамномерен развој на сите населени места во општина Кисела Вода,“ изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.

