Унгарскиот олимписки натпреварувач и светски шампион во кајак Миклош Дудаш (34) беше пронајден мртов во понеделник наутро во својот стан во Будимпешта, соопшти Полициската управа на унгарската престолнина (BRFK).

Според полицијата, близок роднина го пријавил случајот, по што станот на вториот кат бил отворен со помош на бравар. Телото било пронајдено околу 11:22 часот, а околностите на смртта се истражуваат во рамки на административна постапка со вклучување на надлежни експерти.

Портпарол на полицијата изјави дека засега нема индиции за вмешаност на трети лица, пренесува порталот Index.hu.

По веста за неговата смрт, претседателот на Унгарската кајакарска асоцијација, Шмит Габор, како и трикратниот олимписки шампион Золтан Камерер, изразија длабок шок и сочувство до семејството на Дудаш.

Миклош Дудаш важеше за еден од најталентираните кајакари на својата генерација. Тој настапи на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, беше вицешампион на Европа во 2013 година, а истата година го освои златниот медал на Светското првенство во Москва.

Неговата спортска кариера беше обележана и со 34-месечна суспензија поради допинг, по што официјално се повлече од активниот спорт во 2021 година.

Во последните години Дудаш често беше во фокусот на јавноста поради низа инциденти и учество во телевизиски ријалити-програми. Пред речиси една година го загуби својот татко, Иштван Дудаш, а во последните јавни изјави посочуваше дека повторно се зближил со својата партнерка Ивет Сиглигети и дека се обидува да го стабилизира својот живот.

Exit mobile version