Триесет и двегодишен скопјанец се бори за живот откако доживеал силен струен удар додека извршувал работни задачи во Куманово. Инцидентот бил пријавен вчера попладне, по што повредениот итно бил пренесен во болница.
Според полицискиот извештај, несреќата се случила на улица „100“ во дворно место сопственост на кумановецот Д.Н.
„Вчера во 16:50 часот во СВР Куманово било пријавено од лекар од Итна медицинска помош дека кај нив бил донесен повредениот Б.К. (32) од Скопје. Тој се здобил со повредите додека работел во дворно место“, информираат од СВР Куманово.
По укажаната прва помош во локалните медицински установи, поради сериозноста на повредите, Б.К. е префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје на понатамошно лекување.
На местото на настанот извршен е полициски увид, а вклучени се и дополнителни институции. За случајот се известени јавен обвинител и инспектор од Државниот инспекторат за труд при Министерството за економија и труд, кои ќе треба да утврдат дали биле почитувани протоколите за безбедност при работа.


