Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на 12-тиот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и регионалните партнери. На средбата ќе присуствуваат претставници од Западен Балкан, Молдавија, Турција и Украина.
Фокусот на овогодинешниот дијалог ќе биде ставен на економскиот развој и претстојните планови, а се очекува да бидат усвоени и конкретни препораки за таргетирани политики кои секоја земја треба да ги спроведе во иднина.
Министерката Димитриеска-Кочоска пред европските партнери ќе ги презентира тековните реформи во земјата.
„Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Економскиот и финансиски дијалог во Брисел ќе се осврне на реформите што ги презема земјата, особено во однос на подобрување на квалитетот на јавните финансии со цел поддршка на економскиот раст, а во услови на пошироката геополитичка клима и висока непредвидливост“, информираат од Министерството.
Овој настан претставува клучна платформа за координација на економските политики, каде покрај министрите за финансии и гувернерите, учествуваат и претставници на Европската комисија и Европската централна банка.


