На 79-годишна возраст почина Живко Георгиевски, поранешен директор на Македонската информативна агенција (МИА) и долгогодишен новинар и дописник од странство. Георгиевски ќе биде погребан утре на градските гробишта во Охрид.

Тој ја предводеше агенцијата МИА во периодот од 1998 до 2002 година, од каде што подоцна и замина во пензија. Неговата богата професионална кариера бележи и директорско место во Радио Охрид во средината на седумдесеттите години од минатиот век.

Новинарскиот пат Георгиевски го започнал уште како средношколец во весникот „Вечер“, по што продолжил во младинската редакција на Радио Охрид. По заминувањето на студии во Белград, тој соработува со повеќе тогашни југословенски медиуми.

Поголем дел од кариерата ја поминува во агенцијата Танјуг, каде што долго време ја води македонската редакција, а неколку години престојува и во Џакарта, Индонезија, како дописник од тој дел од светот. По враќањето во земјава, тој станува директор на редакцијата на Танјуг во Македонија.

Пред распадот на СФРЈ го формира Македонското прес биро, по што застанува на чело на државната новинска агенција МИА.

Exit mobile version