Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа