По посетата на Зеленски, Лондон воведе нов пакет санкции за Москва
Британската влада денеска објави дека вовела нов пакет санкции против воената и политичката елита на Русија, вклучувајќи шест компании кои ја снабдуваат руската војска со опрема како што се беспилотни летала.
Санкциите, исто така, се насочени кон осум поединци и една фирма поврзана со финансиски мрежи кои помагаат „да се одржат богатството и моќта на елитата на Кремљ“, се вели во соопштението објавено додека украинскиот претседател Володимир Зеленски е во Лондон.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли објави дека Украина му покажала на рускиот претседател Владимир Путин дека нема да биде скршена од руска инвазија, истакнувајќи дека Британија не може да дозволи Путин да успее и мора да ја зголеми поддршката за Украина, пренесе Ројтерс.
Велика Британија, која санкционираше повеќе од 1.300 руски поединци и институции во текот на изминатата година, сега воведе санкции за фирмата за ИТ услуги „Москомс“ поради наводно „дејствување како врска за руската елита“ во олеснувањето на дестабилизацијата на Украина.
Со новиот пакет санкции Лондон ги вклучи и претседателскиот комесар за претприемачки права Борис Титов, поранешниот заменик-претседател на најголемата приватна нафтена рафинерија во Русија Николај Егоров, сопственикот на медиумот „Регум“ Сергеј Руднов.
Санкционираните организации вклучуваат: руски производител на дронови CTS, производител на делови за хеликоптери, руска компанија за транспорт на воена опрема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа