Најмногу дожд во изминатите 24 часа, заклучно со 8:00 часот утринава, наврнал во Велес, каде се измерени 8 литри на метар квадратен, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според податоците на УХМР, 6 литри на метар квадратен се измерени на Попова Шапка, 5 во Штип, по 3 во Скопје-Петровец, Тетово и Маврови Анови, по 2 во Скопје-Зајчев Рид, Виница, Кавадарци, Демир Капија и Пожаране, а по 1 литар во Прилеп и Берово.
Од УХМР нагласуваат дека поради локалниот карактер на врнежите, количеството на дожд може значително да се разликува од место до место, па во одредени подрачја да биде и многу поголемо од официјално измереното.
Според прогнозата, денеска ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе засилува и ќе достигнува брзина до 50 километри на час.
Дневната температура ќе се движи од 27 до 34 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер, кој повремено ќе засилува во делови од котлината. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.


