Царински службеници открија 700 грама хашиш во поштенска пратка пристигната од Шпанија, нарачана од македонскиот државјанин Р.В. од Тетово. Лицето е приведено од инспектори од Одделението за истраги и против него е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

Случајот е откриен кога пратката пристигната во ЦИ Пошти била селектирана за детална контрола. При отворањето, во неколку херметички затворени кеси биле пронајдени седум пакувања со зелена цврста материја. Веднаш биле повикани тимови од Одделението за оперативни работи, при што откако царинско куче детектирало присуство на дрога, направеното тестирање потврдило присуство на ТХЦ.

Во моментот кога Р.В. ја подигнал пратката, тој бил приведен од инспекторите, а против него е поднесена пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Од Царинската управа нагласуваат дека борбата со сериозниот криминал е меѓу нивните највисоки приоритети и дека секој обид за вакви кривични дела ќе биде најстрого санкциониран.

Exit mobile version