Популарната босанска пејачка Џејла Рамовиќ била задржана од полицијата и инспекциските служби во Кичево, откако во нејзиниот ангажман биле утврдени нерегуларности. Рамовиќ и нејзиниот музички бенд настапувале во угостителски објект без поседување соодветни документи за работа.
Овој случај доаѓа само една недела по сличен инцидент, кога српскиот пејач Аца Лукас исто така беше фатен како настапува без работна дозвола во Кавадарци.
Акциската контрола била спроведена во ноќта на 29/30.11.2025 година во угостителски објекти во Кичево, од страна на ОВР Кичево и РЦГР Запад, во координација со Државниот пазарен и Трудов инспекторат.
При контрола на објект лоциран на магистралниот пат Кичево-Охрид, затекнати се пет лица – сите државјани на Босна и Херцеговина:
- Џ.Р. (23), која е идентификувана како пејачката Џејла Рамовиќ.
- К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), како членови на музичкиот бенд.
МВР информира дека лицата вршеле работа без претходно обезбедена соодветна работна дозвола, со што сториле прекршок по чл. 23 ст. 3 од Законот за странци.
Против Рамовиќ и останатите членови на бендот е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.

