Товарниот сообраќај на граничните премини кон шенген-зоната и натаму останува во прекин поради протестот на превозниците од Западен Балкан. Камионските транспортери од Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ бараат од Европската Унија измена на правилото за електронска евиденција за престој, односно ограничувањето од 90/180 дена.

Според првичните проценки на стопанските комори, блокадите предизвикуваат огромни штети кои на дневно ниво изнесуваат околу 100 милиони евра за целиот регион. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека ова прашање е отворено со Европската комисија уште од септември и очекува наскоро да се најде решение.

„Барем од она што е последна најава, очекувам ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите“, изјави Мицкоски.

Од асоцијацијата „Макам-транс“ посочуваат дека сегашните правила се економски неодржливи бидејќи возачите се принудени да паузираат три месеци. Генералниот секретар Билјана Муратовска вели:

„Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците.“

Поддршка на протестот најавија и превозниците на патници. Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, предупреди:

„Нашата заложба е идентична со ставовите на членките на Асоцијацијата „Макам-транс“ и сме подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.“

Од асоцијацијата „Бест мобилити – НТА“ бараат возачите да се признаат како „мобилни работници“ со сертификати за професионална компетентност. Претседателката Оливера Миовска упати апел за единство и итен дијалог со Брисел преку државните институции.

Exit mobile version