По речиси две години од членството во НАТО, Шведска започнува сериозна дебата за евентуално воведување на еврото како официјална валута. Шведската министерка за финансии, Елизабет Свантесон, за време на парламентарната дискусија најави дека владејачката коалиција ќе подготви детална анализа за овој потег.
„Потребна е опсежна анализа на предностите и недостатоците, вклучително и разгледување на безбедносната состојба“, изјави Свантесон во шведскиот Парламент. Таа појасни дека прашањето нема да биде официјално отворено пред претстојните парламентарни избори закажани за септември.
Иницијативата е поддржана од десничарската коалиција, вклучувајќи ги Партијата на центарот и либералите. Од друга страна, левичарската опозиција предводена од Социјалдемократската партија цврсто се противи на промената на валутата.
Историски, Швеѓаните веќе еднаш го одбија еврото на референдумот во 2003 година, кога 55 проценти од гласачите се изјаснија против. Иако земјата има законска обврска кон ЕУ да ја воведе заедничката валута, таа сè уште не го започнала процесот за исполнување на критериумите преку механизмот ERM II.
Освен Шведска, во рамките на ЕУ, еврото не го користат и Унгарија, Полска, Романија, Чешка и Данска, која е единствената земја со трајно ослободување од оваа обврска.

