По 41 година грчки премиер заминува во Канада - ќе се потпишува договор тежок 360 милиони евра

 

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис на 24 март ќе отпатува во посета на Канада, каде што ќе се сретне со неговиот колега Џастин Трудо и ќе го финализира договорот за купување на седум противпожарни авиони, објави „Катимерини“.

Тоа ќе биде прва посета на грчки премиер на Канада по 41 година.

Мицотакис в недела во Монтреал ќе се сретне со Трудо и ќе присуствуваат на комеморацијата за Денот на независноста на Грција – 25 март, настан организиран од грчката заедница во Канада.

Мицотакис во интервју за канадскиот весник „Глоуб енд меил“ (Globe and mail) истакна дека со Трудо ќе разговара за ситуацијата во Украина и за израелско-палестинскиот конфликт.

Предвидено е Мицотакис на 25 март да отпатува за Торонто на средба со бизнис заедницата и со претставници на локалната грчка заедница.

Во Канада, Мицотакис исто така ќе склучи договор за купување на седум авиони за гаснење на пожар ДЦХ-515, најновите модели од „Де Авиланд“ (De Havilland).

Пет од седумте авиони во грчкото воздухопловство ќе ги купи грчката Влада. Останатите две ќе ги купи Европска Унија за нејзиниот огранок за цивилна заштита, познат како „rescEU“. Двата авиони ќе бидат лоцирани во Грција, но ќе летаат и во други земји за да пружат помош при итни случаи на шумски пожари. Вредноста на набавката е околу 360 милиони евра.

21.03.2024 - 10:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега