По речиси две децении во бегство, правдата го стигна 52-годишниот Бесим Ш., кој се бараше со меѓународна потерница за едно од најсвирепите злосторства во скопско. Во спектакуларна акција на албанските специјални единици во Тирана, македонскиот државјанин е лишен од слобода во рамките на полициската операција „Оперативна полиција“.

Бесим Ш. е главниот осомничен за крвавиот настан од 5 октомври 2007 година во селото Копаница, кога со огнено оружје беа ликвидирани тројца граѓани. Тој со години вешто ги избегнуваше органите на редот, криејќи се во албанската метропола со лажен идентитет и фалсификувани косовски документи.

При претресот во неговиот стан во Тирана, биле пронајдени фалсификуван косовски пасош, лична карта и возачка дозвола, сите со негова фотографија, но на туѓо име.

Покрај обвинението за тројното убиство во Копаница во 2007 година, албанското обвинителство му отвори предмет и за „Фалсификување исправа“. Сепак, главната процедура сега ја водат Интерпол Тирана и Интерпол Скопје, кои веќе ја започнаа постапката за негова екстрадиција во Македонија, каде го чека соочување со судот за грозоморниот чин.

Exit mobile version