Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска излезе со сериозни обвинувања дека Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е целосно инструиран и координиран од опозициската СДСМ. Според Петрушевски, протестите на синдикатот не се автентични, туку се партиска операција за која логистиката ја обезбедува СДСМ.

„ССМ е само СДС во синдикални маички. До нас пристигнаа документи од свиркачи кои покажуваат дека главните луѓе на терен за организирање на протестите се всушност истакнати партиски кадри на СДСМ“, изјави Петрушевски. Тој како пример го посочи Бранко Георгиев, поранешен раководител во Струмица, тврдејќи дека тој е клучниот човек за превоз и организација на луѓе за потребите на синдикатот.


