Оставката на јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесена непосредно пред закажаната собраниска седница е чин на бегство од јавна дебата и страв од соочување со аргументите. Ова го истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во емисијата „Став на регионот“ на ТВ Њузмакс Балканс.
Според Петрушевски, Обвинителството е заробена институција која наместо да гони криминал, штитела високи функционери на претходната власт.
Тој тврди дека довербата на граѓаните е на ниско ниво токму поради мал круг на обвинители кои ги кочеле процесите.
„Јавното обвинителство е заробено од неколкумина јавни обвинители кои се на висока позиција на чело со овој што си даде оставка… оние кои што го држат стегнато јавното обвинителство се оние кои придонесуваат за таа ниска доверба и ги прават оние чувања во фиоки, на предмети за високи функционери на СДС и ДУИ. Свесен дека аргументите се на наша страна… јавниот обвинител пред самата седница си поднесе оставка иако за тоа имаше можност месеци наназад да го направи, самиот чин што го направи пред седницата покажува дека сме биле во право и дека избега од една јавна дебата“, рече Петрушевски.

