Началникот на Генералштабот на либиската армија, Мохамед Ал Хадад, и неговата придружба загинаа денес во авионска несреќа што исчезна од радарот кратко по полетувањето од аеродромот Есенбог во Анкара во Турција.

Авионот наводно се урнал на околу два километри од селото Кесикавак во округот Хајмана.

Снимките од безбедносните камери што кружат на социјалните мрежи покажуваат блиц за кој се верува дека е поврзан со падот на авионот.

Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч објави дека е започната истрага за падот на авионот.

Претходно, турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека контактот со приватниот авион во кој се наоѓале Ал Хадад и четворица од неговата придружба бил изгубен кратко по полетувањето од аеродромот.

Како што изјави Јерликаја на платформата X, авионот „Фалкон 50“, со регистрација 9H-DFJ, полетал во 20:10 часот за Триполи, а контактот со радарот бил изгубен во 20:52 часот по локално време.

„Од авионот беше примена порака за итно слетување во близина на Хајмана, но контактот со авионот подоцна не беше обновен“, изјави Јерликаја.

Exit mobile version