Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција го обвини лидерот на СДС, Венко Филипче, дека води селективна борба против криминалот и дека ги користи антикорупциските наративи за пресметка со внатрепартиски неистомисленици.

Петрушевски се осврна на актуелните обвинувања за скандал тежок 37 милиони евра во Министерството за одбрана од времето кога министерка беше Славјанка Петровска, која сега е дел од платформата „12.05“ за реформи во СДС:

– Венко Филипче и талогот од СДС зборуваат само за ЕУ и нашето пристапување во ЕУ по секоја цена. Во оваа прилика им укажуваме дека еден од главните услови за ЕУ е токму борбата против корупцијата. Ова што Филипче сега го прави изгледа како селективна борба против корупцијата и борба против сопартијци кои му се неистомисленици. Меѓу нив последен е случајот кој го наведе, поточно скандал тежок 37 милиони евра во Министерството за одбрана кога министерка беше Славјанка Петровска, актуелна пратеничка на СДС, а сега и дел од платформата 12.05 која бара промени во СДС – истакна Петрушевски.

Тој повика институциите да постапат, а од Филипче побара конкретни докази и документи да бидат доставени до надлежните органи:

– За овој случај ВМРО-ДПМНЕ го повика јавното обвинителство да постапи, како што го повикува за секој еден случај со корупција и криминал без разлика кој е осомничен. Филипче пак е должен за овој случај и за било кој друг, каде има сомнеж за криминал, да ги достави до јавното обвинителство сите информации со кои располага. Филипче воедно треба да информира и да доставува информации до обвинителството за секој случај без разлика кој е осомничен. Во спротивно ќе сметаме дека Филипче лаже и применува двојни аршини – порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Exit mobile version