Премиерот Христијан Мицкоски заедно со владини претставници, градоначалници, пратеници и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата детска градинка во општина Теарце, капацитет кој обезбедува згрижување за 147 дечиња и целосно ја укинува листата на чекање во општината.

Обраќајќи се пред присутните, премиерот ја истакна важноста на овој енергетски ефикасен објект и изрази задоволство од реализацијата:

– Би сакал да кажам дека сум исклучително среќен што денеска, заедно со колегите од Владата, со градоначалниците, со градоначалникот на Општина Теарце, со пратениците од македонското Собрание, со граѓаните на Општина Теарце, сведочиме на пуштање еден објект којшто е многу значаен за оваа општина, но и пошироко, би рекол, има регионално значење. Она што денеска го слушнав во неформалниот дел од разговорот со градоначалникот е дека со пуштањето во функција на овој објект веќе немаме листа на чекање, односно капацитетите се, што се вели, исполнети — 147 дечиња ќе можат да растат, да другаруваат и да ги поминуваат своите детски години токму во овој прекрасен, енергетски ефикасен објект.

Мицкоски упати благодарност до амбасадорот Рокас, до локалната самоуправа, до министерот за социјална политика, демографија и млади, како и до пратениците и советниците од полошкиот регион за нивната ангажираност.

Потсетувајќи на финансиската поддршка што централната власт ја обезбедува за општините, премиерот нагласи: – Ние како Влада ќе продолжиме и во иднина да финансираме проекти во локалната самоуправа. Само да потсетам, откако оваа Влада беше избрана во јуни 2024 година — значи цели 27, еве веќе 28. месец сме Влада — повеќе од половина милијарда евра се реалоцирани од централниот буџет кон општините за финансирање проекти, а тоа е нешто што досега во историјата на државата се нема случено. Така што, уште еднаш еве честитки и благодарност до сите.

Exit mobile version