Петровска: Во НАТО нема мали и големи, ова денеска беше демонстрација на нашето единство

Војниците од армиите на Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Албанија и Грција покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност и всушност ја пратија најважната порака дека кога сме НАТО не сме сами, порача денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на  на Денот за високи гости во рамки на воената вежба „Брз одговор 22“, што се одржува на Армискиот полигон „Криволак“.

– Она што денеска го видовме и на што бевме сведоци не беше пркос и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство, обединетост и на нашето сојузништво, изјави Петровска.

Оваа вежба, истакна Петровска, го дала одговорот на сите лажни вести и хибридни дејства кои имаат за цел нашата армија да ја прикажат како слаба, необучена и неопремена.

– Ова денеска и она што се случуваше во текот на целата вежба е најдобриот демант и реален приказ за способноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија. На вежбата сите учесници ги покажаа своите капацитети за одлучно планирање, добар тренинг и заедничко и координирано дејствување. Покажаа дека совршено се разбираат се надополнуваат и оти заедно се посилни. Денеска беше пратена уште една важна порака – во НАТО нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подадена рака и сојузничка поддршка, истакна министерката за одбрана.

Тоа што се случуваше на „Криволак“ деновиве, вели таа, уште повеќе ја зацврсти нејзината  заложба, тој да биде висок приоритет во нејзиниот мандат како министер за одбрана и заедно со Генералштабот забрзано и плански да работат на негово развивање.

– Тренинг центарот на „Криволак“ да продолжиме да го развиваме согласно потребите за обука и тренинг на припадниците на нашата Армија, но тој ќе понуди и специфични сегменти за тренинг и обука кои ги користат нашите сојузници и стратешки партнери. Ова го гледам како уште една неверојатна можност за сите наши сојузнички земји и армии да ги зајакнат капацитетите за заедничка работа, за подобро меѓусебно запознавање и создавање меѓусебна доверба која не остава простор за никаков сомнеж. Така ја одржуваме нашата Алијанса силна. Така продолжуваме да бидеме столб кој ги одржува нашите демократии безбедни, рече министерката Петровска.

Заменик командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, Петер Ендрусијак, истакна дека во вежбата се вклучени речиси 10,000 војници од војските на НАТО сојузниците, кои изведуваат заеднички падобрански активности и воздушни напади.– Ова е најголема од петте слични вежби. Северна Македонија е извонреден домаќин, имаме извонреден полигон за обука, а тука се НАТО сојузниците и партнерите кои даваат придонес и вежбаат заедно. Вежбите како „Брз одговор“ имаат витално значење за нашата заедничка подготвеност и интероперабилност и успехот не е можен без партнерството со нашите верен НАТО сојузник Северна Македонија. Вие треба да бидете многу горди на она што го гледаме денеска на оваа вежба, која претставува кулминација на долгорочна напорна работа, рече Ендрусијак.

Според него, во поширока смисла, вежбата ја покажува улогата на американската Армија за Европа и Африка како безбедносен стратешки партнер во регионот на Балканот и Црното Море, како и на Европа како целина.

– Ова претставува пример на нашите колективни способности и доказ за цврстата посветеност на САД кон НАТО и регионалната безбедност. Тука видовме современа опрема и приказ на способностите, но ова што е уште поважно е нашата меѓусебна посветеност и подготвеност да си помогнеме едни на други кога е најпотребно. Уште еднаш би сакал да се заблагодарам на сите сојузници и партнери за учеството во вежбата и посебно на Северна Македонија и нејзините граѓани, бидејќи заедно сме посилни, порача американскиот генерал.

Денеска на армискиот полигон „Криволак“, беше реализиран Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22“ при што беа презентирани воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна Гора, Грција, Албанија и Република Северна Македонија .

На денот за високи гости, меѓу другите, присуствуваа и шефот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, генерали во АРСМ, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и на НАТО и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

Вежбата „Брз одговор 22“ е досега најголема мултинационална вежба во Република Северна  Македонија од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која се реализираат воздушни десанти во овој обем.

12.05.2022 - 12:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа