Собранието да одржи надзорна расправа за најавите за изградба на дата-центри, со цел да се обезбеди транспарентност и заштита на јавниот интерес, побара Славјанка Петровска од редовите на СДСМ.
Таа истакна дека дата-центрите се значаен дел од дигиталната иднина и сајбер-безбедноста кои носат инвестиции и технолошки развој, но предупреди дека процесот не смее да се води со тајни договори.
„Дата-центрите не се проблем. Проблем се тајните договори и матните одговори што ги добиваме од Владата. Дата-центрите се дел од дигиталната иднина и сајбер-безбедноста. Тие можат да донесат инвестиции, технолошки развој и нови можности за нашите инженери. Македонија не треба да бега од иднината. Но не смее ниту да ја прифаќа со затворени очи“, посочи Петровска.
Пратеничката забележува дека Владата признава преговори со пет-шест потенцијални инвеститори, но без да објави кои се тие, какви ресурси бараат и какви даночни или инфраструктурни поволности им се нудат.
„Станува збор за големи проекти што можат да значат огромна потрошувачка на електрична енергија и вода, користење државно земјиште, даночни поволности, изградба на инфраструктура и долгорочни обврски за државата. А каде што има големи пари, вредни ресурси и договори зад затворени врати, секогаш постои сериозен ризик од корупција“, потенцира таа.
Според неа, на парламентарната надзорна расправа треба да се соочат Владата и независните експерти, за да се разјаснат енергетските, еколошките и безбедносните ризици, како и искуствата од постојниот дата-центар во Прилеп.
„Надзорната расправа не е напад врз инвестициите. Таа е заштита на јавниот интерес и можност граѓаните да добијат точни информации наместо партиски препукувања. Ако проектите се навистина добри за Македонија, Владата нема причина да се плаши од документи, стручни мислења и јавни прашања. Никој разумен не треба однапред да биде против дата-центрите. Но секој разумен граѓанин треба да биде против тајни преговори чија сметка на крајот може да ја плати токму тој“, заклучува Петровска.

