Пендаровски: Да не се брза со барањето решение за спорот со Софија

Не треба да се брза во решавање на спорот со Бугарија за одблокирање на процесот за старт на преговорите за членство на земјава во Европската Унија, затоа што кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник, порача вчера претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање пред Собранието.

– Во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, порача Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека нема дилема околу тоа оти европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но дека тие секако имаат своја цена.

– Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока, рече претседателот Пендаровски.

23.12.2021 - 09:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега