Апелацискиот суд во Париз конечно го отфрли барањето на Албанија за поништување на одлуката на меѓународната арбитража ICSID, со која државата е задолжена да му исплати 110 милиони евра на италијанскиот бизнисмен Франческо Бекети. Одлуката претставува една од најголемите финансиски загуби на Албанија во меѓународен арбитражен спор.

Според „Лајме јаворе“, во написот со наслов „Парите ќе излезат од џебовите на Албанците, Бекети ја победи Албанија – еве која огромна сума ќе треба да се плати“, францускиот суд оценил дека „постапката била следена во согласност со меѓународните стандарди“, отфрлајќи ги тврдењата на Албанија дека арбитражниот трибунал ги прекршил процедуралните правила и ги пречекорил своите овластувања. Со оваа пресуда, исплатата на финансиската казна станува неизбежна.

Случајот се однесува на мерките што албанските власти ги презеле против компаниите на Бекети во периодот 2014–2015 година, меѓу кои заплена на средства, замрзнување на банкарски сметки и затворање на телевизискиот канал „Агон“. ICSID тогаш оцени дека таквите постапки претставувале неправеден третман и прекршување на билатералниот договор меѓу Албанија и Италија.

Медиумите предупредуваат дека пресудата би можела негативно да влијае на перцепцијата за инвестициската клима во земјата, создавајќи дополнителни дилеми за тоа како Албанија ги третира странските инвеститори.

Во 2022 година, Судот во Тирана го осуди Бекети на 17 години затвор за даночно затајување и перење пари – обвиненија кои датираат од 2015 година. Тој ги негираше сите обвинувања, тврдеше дека случајот е политички мотивиран и ја напушти Албанија.

Exit mobile version