Нивото на реката Вардар во Тетовско се намалило во однос на претходните три дена, и во моментов нема опасност од излевање. Сепак, патниот правец од селото Тумчевиште до селото Чегране сè уште е затворен за сообраќај поради безбедносни причини, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во текот на ноќта, во селата Нераште и Глоѓи (Општина Теарце) паднале две бандери на Телеком. Во Нераште бандерата паднала покрај патот и не го блокира сообраќајот, додека во Глоѓи бандерата е преку патот. Телеком е известен и проблемот ќе се решава во текот на денот, соопшти ЦУК.

Во Скопје, како резултат на силниот ветер во скопската котлина, на шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, со материјална штета на повеќе автомобили.

За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

Во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, состојбата постепено се нормализира по поплавите од претходните денови.

На територијата на Кичево се очекува понатамошна стабилизација на состојбата. Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива редовно.

Бројот на евакуирани лица останува непроменет – 250 лица (63 семејства). На нив редовно им се доставува храна, вода и неопходни средства. Екипа од Медицинскиот центар врши здравствени прегледи и дава совети на евакуираните.

Екипи на ЈП „Комуналец“ работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, со поддршка од локална механизација. Паралелно се чисти фекалната и атмосферската канализација.

ТППЕ, со поддршка на пумпи од ПО ДЗС Кичево, продолжува со испумпување на водата од подрумите на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“, „29 Ноември“ и други локации каде има поплавени објекти, нагласуваат од ЦУК.

Exit mobile version