Кривична пријава е поднесена против тројца полициски службеници, меѓу кои и еден од Србија, поради сомнение за малтретирање во службата на малолетник во Охрид.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција против С.С., Б.Г. и Ј.И.
Пријавата е поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 29.07.2026 околу 05:05 часот во Охрид, кога пријавените С.С. и Б.Г., полициски службеници од СВР Охрид, и Ј.И., полициски службеник од Србија, при вршење на службени дејствија сопреле мотоцикл управуван од малолетник без дозвола, кој се обидел да побегне.
Според пријавата, тие набргу го фатиле и кон него употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет, при што му нанеле повреди на повеќе делови на телото.
По наредба на ОЈО ГОКК, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави барање до надлежната служба за внатрешна контрола при МВР на Република Србија за вршење службен разговор со Ј.И.
Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници С.С. и Б.Г. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работно место – суспензија.

