Две службенички во Државна лотарија се осомничени дека проневериле речиси 1,3 милиони евра, а при претресите поврзани со истрагата биле пронајдени злато, скапи часовници и брендирани чанти од „Хермес“, „Луј Витон“ и „Диор“.
Управата за финансиска полиција вчера поднела кривична пријава против А.Н., директорка на Секторот за финансии и сметководство, и Д.Д., шефица на финансиски работи, поради сомнение за проневера во службата и фалсификување или уништување деловни книги.
Според пријавата, во текот на 2024 година тие не го уплатиле целиот дневен промет од сопствените продажни места на Државна лотарија, во износ од над 46 милиони денари, а дополнително од банкарските сметки на друштвото биле подигнати уште речиси 34 милиони денари.
Вкупно, според Финансиската полиција, станува збор за 79.989.444 денари, односно околу 1,3 милиони евра, за кои постои сомнение дека биле противправно присвоени.
Надлежните се сомневаат дека недостигот на парите бил прикриван преку префрлање средства меѓу различни сметки, фиктивни налози, невистинити финансиски документи и касовни исплати.
Во рамки на истрагата биле извршени претреси на пет локации – четири во Скопје и една во Валандово.
При претресите, покрај сметководствена документација, телефони, лаптопи и друга електронска опрема, биле одземени и парични средства, злато, златен накит, накит „Сваровски“, скапи часовници и чанти од познати светски брендови.
Во соседен двор кај една од претресуваните локации била пронајдена и фрлена документација за која истражителите сметаат дека е важна за постапката.
За двете осомничени обвинителството побарало притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за уништување докази или повторување на делото.

