Падна референт: Дала зелено светло за регистрација на возило без технички и на возач со истечена лична карта
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М. П. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Пријавената М. П., референт за управни работи во Одделението за управни работи Куманово, на 20.12.2024 извршила продолжување на регистрацијата на приколката „тирсан“ и на патничкото возило „шеворлет калос“ и покрај тоа што не биле исполнети законски пропишаните предуслови за продолжување на регистрацијата, односно двете возила немале поминато технички преглед.
Исто така, на 27.12.2024 пријавената извршила продолжување на важноста на регистрацијата на патничко возило ‘опел корса’ и покрај тоа што подносителот на барањето не приложил важечка лична карта, односно приложил истечена лична карта, што е и еден од условите за регистрација на возило. Продолжувањето на регистрацијата М. П. го извршила во периодот кога користела боледување. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М. П. поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплината и изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа