Тројца турски државјани добија по пет години затворска казна за помагање во убиството што се случи во мај 2025 година на градскиот плоштад во Штип. Судијата Јулијана Недкова денеска во Основниот суд во Штип ја објави пресудата за Рамазан Аџет, Селахадин Арслан и Осман Метихан-Кулдур.
Покрај затворската казна, на осудените им е изречена и мерка за доживотно протерување од државата.
„Судот им изрекува и казна протерување странец од земјата, кое ќе трае засекогаш, кое започнува од денот на протерување на сторителот од територија на Македонија, а казната ќе се изврши по издржување на изречените казна затвор во траење од по 5 години“, истакна судијата Недкова.
На обвинетите во казната им се пресметува и времето поминато во притвор, почнувајќи од 5 мај минатата година. Четвртообвинетата во овој случај доби казна затвор од три месеци, која веќе ја има издржано преку мерките притвор и куќен притвор.


