Фондот за здравствено осигурување презема конкретни чекори со кои на пациентите со трансплантирани органи ќе им се овозможи лекот Myfortic (mycophenolic acid), во јачини од 180 mg и 360 mg, како оригинаторен лек повторно да биде достапен без доплата, а истовремено ќе се задржат придобивките од претходно постигнатото намалување на цената на оваа терапија.
Станува збор за лек од особено значење за пациентите со трансплантирани органи, кои оваа терапија ја користат долгорочно и за кои континуираната и финансиски достапна терапија е од исклучителна важност. Во рамки на активностите за проширување на изборот на лекови без доплата, Фондот претходно вклучи дополнителни лекови со генеричкото име mycophenolic acid во Шифрарникот на лекови.
На тој начин, покрај поголемиот избор за осигурениците, беше создадена и реална конкуренција на пазарот, што придонесе за намалување на цената на Myfortic. Како резултат на ваквиот пристап, цената на Myfortic од 180 mg е намалена за 291 денар, а на Myfortic од 360 mg за 2.012 денари Со предложеното усогласување на референтните цени, осигурениците нема да ја плаќаат доплатата од 615 денари за Myfortic од 180 mg, односно 1.439 денари за Myfortic од 360 mg, а лекот во двете јачини ќе им биде достапен без доплата по стапувањето во сила на одлуката.
Истовремено, благодарение на претходно постигнатото намалување на цените, проектираната заштеда за Фондот само за втората половина од 2026 година изнесува околу еден милион денари. Со тоа Фондот ја постигнува една од клучните цели на воведувањето дополнителни лекови на Позитивната листа – поголема конкуренција и пониски цени, без финансискиот товар да се префрли врз пациентите, а со истовремено порационално користење на средствата од здравствениот буџет.
Со тоа Фондот ја постигна една од клучните цели на воведувањето дополнителни лекови на Позитивната листа – поголема конкуренција, намалување на цените и порационално користење на средствата од здравствениот буџет. Во меѓувреме, Фондот доби официјално известување од носителот на одобрението дека двата алтернативни лека на производителот STADA, кои беа вклучени во Шифрарникот како лекови без доплата, во моментот не се достапни на домашниот пазар поради производно-технички причини.
Со нивната недостапност на пазарот, пациентите повторно би биле изложени на доплата за достапната терапија со Myfortic. Имајќи предвид дека станува збор за специфична категорија пациенти на кои им е неопходен континуитет во терапијата, Фондот пристапи кон изнаоѓање решение со кое дополнителниот финансиски товар нема да падне на осигурениците.
По иницијатива на Директорот на Фондот, м-р Златко Перински, кој веднаш по преземањето на функцијата на ова прашање му даде приоритет. Во координација со Министерството за здравство, стручните служби на Фондот ги направија потребните финансиски анализи и подготвија решение со кое Myfortic во двете јачини повторно ќе биде достапен без доплата за осигурениците. Предлогот предвидува усогласување на референтните цени на Myfortic од 180 mg и 360 mg на ниво што ќе овозможи осигурениците да не доплаќаат за лекот. Истовремено, и со ваквото усогласување, трошокот на Фондот за оваа терапија ќе остане понизок во однос на периодот пред постигнатото намалување на цената на Myfortic.
Материјалот ќе биде доставен на разгледување до Управниот одбор на Фондот на првата наредна седница. по што шифрарникот на лекови ќе се објави на веб-страната на Фондот. Со ова осигурениците ќе можат да го подигнуваат Myfortic од 180 mg и 360 mg без доплата. Со предложеното решение, Фондот истовремено ги штити пациентите од дополнителен финансиски товар и обезбедува поодговорно користење на средствата од здравствениот буџет.
Пациентите ја добиваат потребната терапија без доплата, а Фондот за истиот лек издвојува помалку средства во однос на периодот пред намалувањето на неговата цена.
Фондот ќе продолжи активно да ги следи состојбите на пазарот на лекови и да презема мерки со кои конкуренцијата и рационалното управување со средствата ќе се преточуваат во конкретна придобивка за осигурениците – поголема достапност до потребната терапија и помал финансиски товар за пациентите.

