Словенечката полиција откри нелегална фабрика за цигари во која 34 лица, од кои 33 државјани на Парагвај и еден од Бугарија, биле принудени да работат во тешки и нехумани услови без паричен надомест.
Случајот го обелодени Митја Јагер, директор на Управата за криминалистичка полиција, на прес-конференција, а информациите ги пренесе словенечкиот медиум „Večer“.
Работниците од Парагвај биле намамени со лажни ветувања за плата од неколку илјади до 10.000 евра месечно. По пристигнувањето во Загреб во септември, биле пренесени во Лендава, каде што веднаш им биле одземени телефоните, им било забрането излегување и контакт со семејствата. Биле принудувани да работат во 12-часовни смени, без плата, во преполни простории без природна светлина и вентилација, каде што двајца морале наизменично да делат еден кревет.
Нелегалниот погон, сместен во поранешниот индустриски комплекс „Naфта Lendava“ на површина од околу 2.500 квадратни метри, го откриле службеници на Финансиската управа на Словенија (ФУРС) на 13 октомври. Душан Печник од ФУРС изјави дека истражителите првично очекувале да пронајдат магацин, но откриле огромен производствен погон.
Во објектот биле запленети над 14 милиони цигари и 44 тони тутун, а во камион биле пронајдени уште 14 милиони цигари. Неплатените акцизи се проценуваат на над седум милиони евра, а се претпоставува дека цигарите биле наменети за пазарите во Обединетото Кралство или Ирска.
Под истрага се двајца словенечки државјани осомничени за трговија со луѓе и затајување данок. Едниот бил изведен пред истражен судија во Мурска Собота и е пуштен да се брани од слобода, додека вториот е во бегство. За овие дела словенечкото законодавство предвидува казна затвор до 15 години за трговија со луѓе и до 12 години за затајување данок.


