Во дворот на затворот во Струмица наскоро ќе биде завршена со изградба и осветена првата црква, која се гради по иницијатива и со средства на поранешна директорка на оваа институција. Станува збор за мала црква, а во нејзе за духовните потреби на верниците ќе има задолжен и свештеник, кој ќе служиж литургии.
-Верувам дека кога еднаш ќе биде осветена таа мала црква среде затворскиот двор, ќе стане место на вистинска духовна преобразба за многу луѓе. Ѕидовите на затворот, не можат да Го задржат Духот Свети. Апостолот Павле пишувал посланија од затвор, а истите тие посланија ние и денес ги читаме во Црквата.
Затворот не е и не може да биде пречка за градење на личносен однос со Бог, однос во кој човек ја живее вистинската слобода и ослободување од стегите на гревот и злото, вели отец Јаков, епископ Стобиски, викар на Струмичката епархија во интервјун за Прес 24.
Епископот Јаков во интервјуто заборува за улогата на Црквата во социјалниот аспект на општеството. Во тој контекст и за концептот на капеланство за кое вели дека во јавноста нема дебата. Потенцира дека присуството на свештеник на Црквата меѓу војниците е неопходен, но дали тоа присуство треба да се институционализира е дискутабилно по многу основи.
-Не затоа што сум против присуството на Црквата во болници, во затвори, во војска, туку затоа што веќе имаме модели кои функционираат добро и без тоа да треба прво да се отвора како институционално прашање.
Од моја перспектива сметам дека Црквата е присутна таму каде што е потребна, без институционална наметливост, без однапред поставени услови, без да се прави политичко прашање од тоа, вели отец Јаков.
За границите на секуларизнот, смета дека македонскиот модел е добро изграден, но во пракса погрешно интерпретиран од одредени општествени елемнти.
-Проблемот е што не се избалансирани самите толкувачи на секуларноста. Постои една политичка струја во нашето општество, која секуларноста ја изедначува со исклучување на Црквата и на верниот народ од секаков јавен дискурс. Според нив, ако еден владика проговори на која било тема надвор од амвонот, тоа е веќе „нарушување на секуларноста“. А ако, да речеме, некоја НВО изнесе став, тогаш не е. Таа двојна мерка, не е секуларност. Тоа е „клирофобија“. А во некои случаи е и чист неомарксистички антирелигиозен активизам. И работите треба да се нарекуваат со нивните вистински имиња без никакво ублажување на реториката, вели во интервјуто за Прес 24, епископот Стобиски.
Отец Јаков вели дека младите генерации доаѓаат во Црквата, но е свесен дека има елементи што нив им пречат.
-Младиот човек најчесто не Го отфрла Христос, тој отфрла одредена слика за Црквата, слика на институција без живот. И кога ние свештениците, архиереите, монасите не успеваме да покажеме дека нашата вера е жива, радосна, автентична, тогаш таа критика често е и оправдана.
Искуството ни зборува и за нешто друго. Новиот свет во кој растат младите, никогаш нема да може да ја задоволи нивната потреба за смисла. Младите денес живеат во вистински океан на бесмисла и кога ќе стигнат до крајот на она што светот им го ветувал, често откриваат дека единственото нешто за кое можат да се фатат, е Црквата. Зашто Црквата единствено им ја дава смислата на постоењето, смислата на страдањето, смислата на љубовта и смислата на смртта во Христовата смрт и Воскресение. Тоа никој друг не може да им го даде, вели Стобискиот епископ Јаков во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Деновиве имавте две посети, една во затворот во Струмица, една во болницата во Струмица. Заедничко за нив е иницијатива за зголемена можност затворениците и болните да добијат поголема достапност до можност за задоволување на нивните духовни права. Зошто сметате дека тоа е важно?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Посетата на затворениците и на болните во Струмичката епархија е веќе долгогодишна традиција која што нашиот свет Владика, Митрополитот струмички г. Наум, со години наназад ја создаваше. Секоја година, особено на Велигден и Божиќ, тој ги посетуваше и болните и луѓето во затвор.
Велигденскиот ручек за затворениците, исто така, е веќе наша епархиска традиција. Јас, со Божја помош, само го продолжувам она што наследив, и го правам со многу благодарност кон Господ и мојот Митрополит, отколку што може да се види однадвор.
Зошто е тоа важно? Одговорот за мене е во Евангелието, и никаде на друго место. Самиот Господ Исус Христос, кога зборува за Страшниот Суд, зборува за единственото нешто по кое ќе нè познае и ќе нè препознае на крајот: „Гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене“ (види: Мт 25, 35–36). Тоа не се поетични зборови.
Богочовекот Христос буквално вели дека се поистоветува со сите категории на страдалниците во овој свет, со секој болен и секој затвореник. Значи, кога Црквата влегува во болница или во затвор, таа не прави некаков „хуманитарен гест“. Црквата оди на средба со Самиот Христос, Кој одбра да дојде при нас во ликот на последниот, страдалниот, отфрлениот.
Да бидеме поконкретни. Во затворот и во болницата, човекот е оголен. Зад ѕидовите на затворот, човекот, без разлика на неговите постапки и пресуди, останува создаден по образот и подобието Божјо. Тоа подобие не може да му се одземе. Болниот, пак, кога ќе ја почувствува сопствената немоќ, токму тогаш е најотворен за средба со Бог.
Затоа, прашањето не е „зошто“ одиме, прашањето е како не би отишле. Тоа е идентитетско прашање за Црквата: дали сме Христови, или не сме. Ние не правиме ништо ново. Ние едноставно го продолжуваме она што Црквата го прави уште од првите векови.
ПРЕС24: Чинам дека идејата за црква во рамки на затворот во Струмица е единствена во Македонија. Како течеше реализацијата на тој проект?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Навистина е единствен проект во нашата земја, колку што мене ми е познато, и ние сме благодарни на Бога и на луѓето кои имаа слух и волја тој да се реализира. Станува збор за мала православна капела во самиот круг на затворот во Струмица, посветена на свети Јустинијан, царот кој ја основаше Јустинијана Прима, Црквата со која непосредно е поврзана традицијата на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Изборот на светителот- заштитник не е случаен. Јустинијан е образ на праведниот поредок и на обновата и во ова лежи самата богословска симболика на проектот: дека и во затворот Бог може да го обнови човекот, дека затворот не е крај, туку може, во Бога, да стане нов почеток.
Треба, меѓутоа, да ја кажеме и целата историја на проектот, зашто сме должни да бидеме коректни кон сите. Иницијативата, всушност, потекнува од поранешната директорка на затворот, г-ѓа Тања Достинова, на која сме и искрено благодарни.
Самиот храм е донација од неа и од нејзиното семејство и тоа е навистина ретка работа: некој поаѓајќи од лична желба и со сопствени средства да подигне храм во таква установа. Низ годините поминавме низ бројни административни предизвици, но после подолго време актуелниот директор, г. Зоран Ристов, се заангажира многу сериозно за да се заврши проектот, и денес храмот е во финална фаза.
Мора, исто така, да ја истакнам и отвореноста на управата на КПУ Затвор Струмица.. Тие не покажаа никакви предрасуди, напротив, покажаа искрена и добра волја. Тоа, за жал, не секогаш се подразбира кога станува збор за такви институции, но во овој случај беше така, и за тоа сме благодарни.
Верувам дека кога еднаш ќе биде осветена таа мала црква среде затворскиот двор, ќе стане место на вистинска духовна преобразба за многу луѓе. Ѕидовите на затворот, не можат да Го задржат Духот Свети. Апостолот Павле пишувал посланија од затвор, а истите тие посланија ние и денес ги читаме во Црквата.
Затворот не е и не може да биде пречка за градење на личносен однос со Бог, однос во кој човек ја живее вистинската слобода и ослободување од стегите на гревот и злото.
ПРЕС24:Во контекст на ова, што мислите за идејата за воведување
Капеланство во Македонија?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Немам ништо против самата идеја, особено заради тоа што ја гледаме отелотворена во практичниот живот на многу помесни Цркви, но од друга страна не би го идеализирал самиот концепт на капеланство заради тоа што сметам дека има и спорни моменти од аспект на христијанскиот етос.
Присуството на свештеник на Црквата меѓу војниците е неопходен, но дали тоа присуство треба да се институционализира е дискутабилно по многу основи. Не затоа што сум против присуството на Црквата во болници, во затвори, во војска, туку затоа што веќе имаме модели кои функционираат добро и без тоа да треба прво да се отвора како институционално прашање.
Од моја перспектива сметам дека Црквата е присутна таму каде што е потребна, без институционална наметливост, без однапред поставени услови, без да се прави политичко прашање од тоа. Кога ќе ја повикаат, таа оди; кога ќе биде потребна, таа е на располагање. И тоа функционира одлично, едноставно затоа што доверба постои, и затоа што Црквата не претендира кон ништо.
Тука сакам да бидам многу јасен. Црквата нема, ниту некогаш треба да има, каква било „претензија“ кон државните институции. Ние не бараме простор за себе по секоја цена. Црквата е секогаш подготвена да се појави таму каде што ќе биде повикана, и со благослов на локалниот епископ да ги задоволи духовните потреби на верниот народ, на кое било место. Но тоа е нешто сосема поинакво од законски уреден систем на капеланство кое од самата своја природа носи
одредена институционална логика, и одредени очекувања од свештените лица и од Црквата.
Дотаму, колку што ми е познато, засега во нашата земја ниту има конкретна иницијатива во таа смисла, ниту од државни институции, ниту од верските заедници. Ако еднаш дојде до такво нешто, Црквата секако ќе го разгледа прашањето преку своите институционални органи, преку Светиот Архиерејски Синод. Но јас, лично, не сметам дека треба ние сега да тргнеме со какво било „барање“ или „предлог“.
ПРЕС24: Многумина можеби ќе спорат дека сите овие идеи на некој начин допираат до секуларноста на општеството, но од друга страна правото на слобода за исповедање на верата е едно од основните човекови права. Како да се најде добар баланс меѓу ова?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Прво треба да бидеме јасни за што зборуваме. Секуларноста, во онаа смисла во која е вградена во нашиот Устав, односно: државата и верските заедници се одвоени на институционално ниво, нема државна религија, и сите граѓани без разлика на верата се рамноправни пред законот. Со тоа Православната Црква никогаш и не спорела! Таа рамка веќе постои и е предвидена со законот. Значи, балансот за кој ме прашувате, всушност, не треба тукушто да се изнајде, тој веќе е направен, и е во законот.
Проблемот е нешто друго. Проблемот е што не се избалансирани самите толкувачи на секуларноста. Постои една политичка струја во нашето општество, која секуларноста ја изедначува со исклучување на Црквата и на верниот народ од секаков јавен дискурс. Според нив, ако еден владика проговори на која било тема надвор од амвонот, тоа е веќе „нарушување на секуларноста“. А ако, да речеме, некоја НВО изнесе став, тогаш не е. Таа двојна мерка, не е секуларност.
Тоа е „клирофобија“. А во некои случаи е и чист неомарксистички антирелигиозен активизам. И работите треба да се нарекуваат со нивните вистински имиња без никакво ублажување на реториката.
Слободата на верата, заштитена со Уставот и со меѓународните конвенции, го вклучува и правото на јавно изразување на верските убедувања. Свештеникот, архиерејот, верниот христијанин, го имаат истото право како и секој друг граѓанин да го изразат своето мислење во јавноста. Лишувањето на верникот од правото на јавен говор, само затоа што верува е дискриминација, а не секуларност.
Значи, балансот постои, и е многу поедноставен отколку што некои сакаат да го прикажат: државата и Црквата не се мешаат во институционалниот поредок едни на други, а граѓаните, вклучувајќи ги архиереите и свештениците ги уживаат сите права загарантирани со Уставот. Нема тука никаква тензија, освен онаа која ја создаваат оние кои имаат интерес Црквата да остане замолчена. А за тој молк ние не сме, и нема да бидеме подготвени никогаш. На апостолите, кога им забранувале да зборуваат за Христос, нивниот одговор бил краток и јасен: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето“ (Дела 5, 29).
ПРЕС24: Ретки се примерите во Црквата кога таа покажува вака зголемен интерес и проактивност кога станува збор за социјалниот аспект во општеството. Некои велат дека сепак тоа не е работа на Црквата?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Јас не би сакал сега да се впуштам во критика на тој конкретен став кој некои го застапуваат. Примери во Црквата има повеќе отколку што понекогаш се гледа однадвор. Уште во првата, апостолската Црква, социјалниот аспект бил клучен и неразделен од литургискиот живот. Токму затоа и се избираат и поставуваат од страна на дванаесете апостоли седумте ѓакони, меѓу кои и архиѓаконот и првомаченик Стефан, за да се грижат за вдовиците, за сирачињата, за собирањето и распределувањето на милостината (види: Дела 6, 1–6). Првите христијани, како што читаме во Делата апостолски, својот имот го оставале пред нозете на апостолите, а апостолите го распределувале секому колку што му е потребно. Тоа е Црквата, Црквата на Духот Свети. Во неа служењето на ближниот, ѓаконијата, не е „додаток“ кон Литургијата, тоа е природно продолжение на самата Евхаристија. Свети Јован Златоуст, со карактеристичната директност, им велел на оние што од Литургија се враќале во своите удобства: „Ако сакаш да Го почитуваш Телото Христово, не Го занемарувај кога е голо; не Го почитувај само тука во Евхаристијата, а нему да му биде ладно надвор“. Значи, каде е тогаш основата за тврдењето дека „тоа не е работа на Црквата“?
Во Струмичката Епархија, со благослов и раководство на нашиот Митрополит, веќе со години постојат повеќе социјални активности како заедница за рехабилитација на луѓе со болести на зависност, фондацијата Елеуса чија хуманитарна работа е навистина за почит итн. Низ оваа богоугодна мисија на Црквата, Бог спасил и продолжува да спасува животи. Тоа само по себе е доволен одговор на прашањето: „Дали тоа е работа на Црквата?“. Тоа е, всушност, едно од нејзините најблагородни дела. Зашто оној што служи на страдалниот човек, му служи на Самиот Христос, Кој, како што Сам рече, „не дојде да Му служат, туку да послужи“ (види: Мт 20, 28).
ПРЕС24: Сè ова, па и иницијативите за зголемена хуманитарни активности на Струмичката епархија, во основа многу социолози во светот го дефинираат како современа политичка теологија на Православната Црква, токму онаква каква што треба да биде во рамки на современиот свет. Се согласувате со тоа?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Делумно, да. Но тука мора да бидеме многу внимателни со терминологијата, зашто „политичка теологија“е термин што доаѓа од одреден социолошки и политиколошки дискурс, и тоа е, во суштина, една овосветска, овоземна класификација. Нека социолозите така си го именуваат тоа што го набљудуваат и тоа е сосема легитимно нивна работа и нивна рамка, но Црквата треба сама да знае што прави и зошто.
Политиката на Црквата, ако воопшто треба да ја нарекуваме политика, не е хуманитарната активност сама по себе, ниту грижата за телесните потреби на човекот во овој свет. Политиката на Црквата и политичката теологија на Црквата, ако баш сакаме да го ползуваме тој термин е стремежот кон Царството Божјо. Тоа е дискурсот што го има Црквата. Таа се движи кон есхатонот, кон Царството што доаѓа и веќе е, во нејзината Литургија. Но додека транзитира низ овој свет, Црквата не останува ниту неосетна, ниту глува, ниту слепа за потребите на човекот. Таа не останува бездушна пред страдањата на кои особено во наши дни им нема број. Едноставно, таква е нејзината природа, таа стреми да го прегрне овој страдален свет и да го преобрази.
Ако Црквата, како што вели Светиот Јустин Ќелиски е Самиот Христос продолжен низ вековите, тогаш таа не може да го игнорира страдањето на луѓето. Тоа би значело дека Самиот Христос е надвор од животите на оние кои страдаат на било каков начин. Значи, кога Црквата се грижи за болните, за затворениците, за зависниците, за сирачињата таа не врши некаква „социјална дејност“. Таа го живее животот Христов и Го оприсутнува Христос во овој свет на страдања и
болка.
Според тоа, се согласувам и не се согласувам со тој термин. Се согласувам, ако под него се подразбира Црква која не бега во апстракции, туку конкретно служи на страдалниот човек во овој свет. Не се согласувам, ако тоа значи дека Црквата треба да стане дел од политичкиот систем, да служи на политички партии или на идеологии, или да ја замени есхатолошката перспектива со земна утопија. Тоа би било богохулење. Црквата Му служи на Живиот Бог и само на Него. И кога служи на страдалниот човек таа му служи на Христос. Крајната цел на Црквата стои стамено над сите измами како што е ,,подобар свет“ и ,,рај на Земјата“. Крајната цел на Црквата е Царството Божјо.
ПРЕС24: Во тој контекст, во контекст на современиот свет, Црквата се соочува со нов предизвик, дигитална ера, вештачка интелигенција. Како тоа влијае на нејзе?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Ова е прашање на кое не може да се одговори со едно „да“ или „не“, зашто предизвикот е реален, но истовремено и не е она што на прв поглед изгледа. Да се обидам да бидам сосема конкретен.
Црквата не се плаши од ништо, бидејќи ништо, само по себе, не е зло. Ниту интернетот, ниту вештачката интелигенција, ниту која било друга технологија.
Сè што постои потекнува од Бога или е дозволено од Бога. Проблемот никогаш не е во самата алатка, туку во гревовната природа на човекот, односно нејзината склоност секое добро да го злоупотреби, и од секоја добра работа да направи механизам за владеење над другите, за контрола и за манипулација. Не нè плаши нас вештачката интелигенција. Нас нè плаши компромитираноста на овој свет, кој „во зло лежи“ (1 Јн 5, 19).
Затоа, Црквата не бега од никакви предизвици и нема да бега. Сметам дека е важно да потенцирам нешто што особено е карактеристично за ова наше време: во Црквата имаме сè и секого. И личното мислење на еден свештеник, на еден богослов, па и на еден архиереј, не ја изразува нужно Црквата. Црквата се изразува низ Светите Оци, низ светоотечкото предание, низ соборната свест и искуство на Црквата. Едно искуство, еден поединечен став, не го исцрпува искуството на Црквата. Тоа е важно да се знае, особено денес, кога секој што има профил на социјалните мрежи мисли дека зборува „во име на Црквата“.
Што се однесува до самата вештачка интелигенција, тоа е алатка. Огромна и моќна алатка, но сепак алатка. Постои нешто суштинско што не може таа алатка да го направи: не може да се помоли, не може да страда, не може да љуби, не може да се причести, не може да се жртвува за другиот. Со еден збор: не може да биде личност. А Православната духовност е, во сржта своја, личносна: таа е односот на конкретна личност со Богочовекот Христос, посредуван преку живото Тело Христово и светите тајни на Црквата.
Значи, опасноста не е во технологијата. Опасноста е кога луѓето ќе почнат да го бараат животот во мртвата симулација. И токму тука Црквата треба да биде трезвена, будна, и присутна.
ПРЕС24: Треба ли Црквата да бега од овие предизвици, или почесто да зборува? Кога велам да зборува, секако не мислам на онаа група свештеници која гледа зло во напредокот на светот?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Апсолутно! Црквата треба да зборува, и не смее да молчи за ништо. Самото постоење на Црквата во овој свет е своевиден предизвик, и своевидно сведоштво иако не е прифатена и нема да биде до крајот на вековите. Таа му Го нуди Христос на овој свет автентично, нежно и ненаметливо.
Светот, уште од мигот кога Христос влезе во човечката историја, посакува Христос по своја мерка. Во Негово време бараа моќен и силен цар, политички месија кој ќе ги ослободи од јаремот на Рим, а кога слушнаа дека Тој зборува за Царство што не е од овој свет, Го распнаа. И денес, во оваа антихристијанска епоха во која живееме, повторно се бара прифатлив Христос: Христос без Крст, Христос без Црква, Христос без Евхаристија. Но таков Христос не постои. Црквата му го нуди на овој свет истиот Христос, Кој, како што сведочи апостол Павле, е „ист вчера, денес и во вечни векови“ (Евр. 13, 8). Тоа е она што светот не сака да го прифати, но токму во тоа е нашата сила: ние не сме автори на Евангелието, туку сведоци.
Сега, сосема кратко за последната нишка во Вашето прашање. Митрополитот Наум вели дека ниеден дух не му е толку близок на духот на антихристот колку духот на судењето и осудувањето. Луѓето кои се подвизуваат, постат, се молат итн, а непрестајно го осудуваат светот, Црквата, архиереите, свештениците, монасите, не ја градат Црквата, туку ја разоруваат. Црквата не е место на страв и осудување, туку место на покајание, место на кое грешникот бива прегрнат и утешен, место на Богојавление, место на радост, радост на Воскресението.
ПРЕС24: Вие сте дел од младата генерација владици на МПЦ-ОА, успевате ли да допрете до помладите, до генерациите што растат во еден друг свет, што на Црквата гледаат како на нешто застарено?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Апсолутно! И ова го велам без никакво самоистакнување, едноставно, тоа е реалност што ја живееме секој ден. Во нашите храмови, кога служиме Литургија, доминантна категорија се младите луѓе: од деца, до средношколци, до студенти, до млади брачни парови. Во хуманитарната организација „Елеуса“, која е проект на Струмичката епархија, волонтираат исклучиво млади луѓе. Тие сами доаѓаат, сами се вклучуваат, сами се трудат. Мислам дека тоа го потврдуваат и оние што од страна ги следат нашите активности.
За да не оставиме впечаток дека тука има некаков „генерациски јаз“ што треба да се премостува би сакал да истакнам дека таков јаз во Црквата не постои и не може да го има, зашто Црквата на младите луѓе им Го нуди вечно новиот, вечно младиот Христос. Оној што Го следи, секогаш останува млад, каква и да му е возраста. Тоа е тајната на служителите на Црквата и нивната умешност да допрат до младиот човек. Самиот Господ вели дека „разумниот човек од својата ризница изнесува старо и ново“ (види: Мт 13, 52). Црквата го чува старото, но истовремено ежедневно проповеда ново, твори се ново и свежо во овој застарен свет, зашто Христос, Кој е нашата единствена ризница, е секогаш нов. И во тоа нема никаква спротивставеност.
Сега, морам да бидам и искрен. Тоа не значи дека сè е лесно, или дека ние сме ги решиле сите прашања. Младиот човек најчесто не Го отфрла Христос, тој отфрла одредена слика за Црквата, слика на институција без живот. И кога ние свештениците, архиереите, монасите не успеваме да покажеме дека нашата вера е жива, радосна, автентична, тогаш таа критика често е и оправдана. Искуството ни зборува и за нешто друго. Новиот свет во кој растат младите, никогаш нема да може да ја задоволи нивната потреба за смисла. Младите денес живеат во вистински океан на бесмисла и кога ќе стигнат до крајот на она што светот им го ветувал, често откриваат дека единственото нешто за кое можат да се фатат, е Црквата. Зашто Црквата единствено им ја дава смислата на постоењето, смислата на страдањето, смислата на љубовта и смислата на смртта во Христовата смрт и Воскресение. Тоа никој друг не може да им го даде. И кога ќе им Го покажеме Христос, Живиот Христос, а не богословска шема, туку Оној Кој живее во Светата Литургија, тие доаѓаат и остануваат. Секако има и поинакви избори, но тоа е веќе избор. А за нас, како пастири на Црквата, задачата не е да ги „задржиме“ младите по секоја цена, туку да им Го дадеме Христос за тие да Го задржат Него во својот живот..
ПРЕС24: Од искуството на западните цркви, веројатно предизвикот да се допре до младите е можеби клучен за иднината на Православната Црква, оти другото искуство покажува дека неуспехот да се комуницира со младите ја чини западната Црква, тука мислам и на католичката и на протестантската, храмови кои денес се само музеи, сведоци на едно минато?
ОТЕЦ ЈАКОВ: Сликата на која се повикувате, празни храмови што се продаваат, готски катедрали што стануваат хотели, барови, тоа навистина е можна иднина, и треба да ја гледаме трезвено и без залажување. Но мора да ја разбереме и причината, без сега непотребно да посочуваме со прст било кого.
Историскиот контекст на Западот е различен од нашиот. Она што се случувало таму целата реформација и контрареформација, просветителството и модернизмот се одвивало во специфичен процес низ кој Западот го градел својот современ идентитет. Интересно е што западното просветителство и нашето локално, не се исто нешто. Западното просветителство имало свои превирања, за жал, во своите најгласни манифестации, беше крајно антицрковно. Но тоа е веќе поширока тема.
Клучното прашање е зошто има неуспех? Одговорот, може слободно да се каже, е во компромисот. Доколку зборуваме во глобални рамки, феноменолошки и без конкретни примери, проблемот лежи во правењето компромиси со сопственото предание и традиција, во прилагодувањето на Евангелието на светот, надевајќи се дека на тој начин Црквата ќе стане по автоматизам „релевантна“ за современиот човек. А резултатот е парадоксален: направила сè за да се ,,вклопи“ да биде слична на светот, и тогаш конечно го изгубила светот. Зашто светот, во длабочината на своето битие, не бара огледало. Светот бара излез, бегство од себе самиот кон Смисла на постоење. Затоа секогаш ќе заминува од секуларизирана Црква, колку и да Ви звучи тоа контрадикторно.
Православната Црква, по Божјата милост, не го направила тој компромис. Таа останува непоколеблива и верна на светоотечкото предание и традиција. Навидум, тоа може да остава впечаток дека е конзервативна, ригидна и нефлексибилна. Ама во тоа е и нејзината сила: во доследноста кон преданието на светите отци, доследноста на Христос Кој не се поистовети со овој свет и затоа светот не Го прими, но преку Црквата Своја останува во светот до крајот на вековите и токму заради тоа Црквата не може и не смее да биде обликувана од овој свет.
Затоа нашиот одговор не смее да биде имитирање на она што на Запад не успеало. Нашиот одговор е да останеме верни на традицијата, но истовремено отворени, да го пресретнеме современиот млад човек и да го приведеме пред убавината на Синот Божји пред која, откако еднаш ќе ја види, веќе не ќе сака да си замине. Свети Кирил Философ, пред мисијата помеѓу Словенските народи, рекол:
„Подобро е да умрам за нив, отколку да живеам за себеси“. Тоа е единствениот рецепт за успех. Ако служителот на Црквата умира секојдневно во подвигот да допре до младите луѓе, тие ќе живеат во неа. Ако живее сам за себе поистоветувајќи го свештенството со едно од занимањата во овој свет, тогаш Господи помилуј, може навистина примерите што ги спомнавте да станат наша реалност. Слава Му на Бога, кај нас Црквата со сите нејзини слабости е жива и продолжува да расте.

