Властите во американската сојузна држава Тенеси ги прекинаа сите планирани егзекуции, откако вчера не успеаја да ја извршат смртната казна врз Криста Гел Пајк, осудена за убиство извршено во 1995 година. По вбризгувањето две смртоносни дози хемикалии, осуденичката остана жива.

Службениците ѝ вбризгале на Пајк две дози пентобарбитал, соопштија нејзините адвокати. Сепак, 50-годишната жена останала жива, а по примањето на инјекцијата се слушало како силно ‘рчи. Таа со амбулантно возило била пренесена во болница, но нејзините адвокати додадоа дека сè уште не се информирани за нејзината здравствена состојба.

Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, изјави дека наредил „сеопфатна надворешна истрага за да се утврди што точно се случило“ и потврди дека сите следни егзекуции закажани за оваа година ќе бидат одложени.

– Извршувањето на законски изречена пресуда е една од најсериозните одговорности на државата, а жителите на Тенеси очекуваат тоа да биде направено на начин кој не само што е законски и во согласност со Уставот, туку и ефикасен – додаде тој.

Ова е вторпат годинава властите во Тенеси да не успеат да извршат егзекуција на осуденик на смрт. Во мај, официјалните лица ја откажаа егзекуцијата со смртоносна инјекција на Тони Карутерс, осуден за киднапирање и убиство на три лица, откако службениците повеќе од еден час не успеаја да му постават интравенска линија за внесување на пентобарбиталот.

Протоколот за егзекуции предвидува, доколку затвореникот не почине по вбризгувањето на една доза, да се аплицира втора. Меѓутоа, правилникот не предвидува какви чекори треба да се преземат доколку осуденикот остане жив и по втората доза. Од Затворската служба на Тенеси соопштија дека ги следеле „сите чекори од законскиот, воспоставен протокол за егзекуции на државата, одобрен од канцеларијата на главниот обвинител“.

Адвокатите на Пајк доцна синоќа поднесоа итни барања до неколку судови за веднаш да се запре и поништи егзекуцијата, тврдејќи дека таа претрпела „непотребна агонија“ и дека било прекршено нејзиното уставно право да не биде подложена на суров и невообичаен третман.

Пајк беше осудена на смрт за убиство што го извршила на 18-годишна возраст и требаше да биде првата жена егзекутирана во Тенеси по повеќе од 200 години. Апелацискиот суд вчера ја запре егзекуцијата само еден час пред нејзиниот почеток, но неколку часа подоцна Врховниот суд на САД ја укина одлуката на апелацискиот суд.

Пајк и нејзиното момче беа прогласени за виновни за убиството со прободување и тепање на нивната 19-годишна соученичка Колин Слемер во Ноксвил во 1995 година. Случајот во тоа време привлече големо внимание во јавноста поради пентаграмот издлабен на телото на Слемер, како и други елементи кои предизвикаа сомнежи дека станува збор за сатанистички култ.

Со приближувањето на датумот на егзекуцијата на Пајк, во САД повторно се отворија дебатите за примената на смртната казна врз млади престапници. Пајк не негира дека го извршила убиството, но нејзините поддржувачи посочуваат дека судот требало да ја земе предвид нејзината возраст во времето на извршувањето на делото, историјата на сериозно сексуално злоставување од најрана возраст, како и нејзиното ментално заболување. Нејзиниот адвокат дополнително тврди дека смртната казна е невообичаена бидејќи смртните казни на сите други затвореници во Тенеси кои имале 18 години во времето на делото веќе биле поништени.

Егзекуцијата на Пајк требаше да биде 30-та во САД оваа година, откако во вторникот беше егзекутиран осуденик на смрт во Флорида.

Exit mobile version