Преку клонирани псевдо-портали ширел лажни вести и дезинформации со цел преобликување на наративи во интерес на Русија.

Македонски државјанин, надоврзан на странски фактори – креатори на пропаганден апарат со мрежа на портали, интегрирани и во македонскиот медиумски простор е приведен во акција на Агенција за национална безбедност, МВР и Обвинителството.

Акцијата се случила пред нешто помалку од две недели, на 18 септември, но АНБ за случајот извести денеска.

Тогаш, полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал спровеле претрес и упаднале во компјутерски систем. Одзеле и други електронски уреди кои се веќе испратени на вештачење.

Идентитетот на осомничениот не го открива ниту АНБ, ниту МВР и засега нема многу детали од истражните органи.

– Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа која е во функција на руските интереси, се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен. Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост. Наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за КД „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ по член 394-г од КЗ, велат од АНБ.

На товар му се ставаат три кривични дела ширење расистички и ксенофобичен материјал, предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз оснва на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, но и за оддавање службена тајна.

Каква тајна и кому ја издал засега не е познато.

Ова е втор случај годинава во кој Агенцијата за национална безбедност таргетира лица кои ширеле пропаганда во корист на други држави.

Во март АНБ соопшти дека бугарски државјанин преку Фејсбук страница и преку бот мрежа на информативни портали ширел пропаганда со цел поттикнување омраза меѓу Македонците и Бугарите.

Exit mobile version