Оставка во лер за уште една All-in рака

По неуспехот на опозицијата да обезбеди мнозинство за соборување на Владата на Заев, оставката на првиот човек на социјалдемократите и се уште актуелен премиер полека но сигурно веќе не е тема за која се дискутира во јавноста.
Заев по тешкиот пораз што неговата партија го доживеа на локалните избори најави дека си поднесува оставка и на премиерската и на претседателската функција во СДСМ.
Но десетина дена подоцна, како што тоа беше претставено во јавноста, по „серија убедувања“ пред се партиските структури, Заев реши да „остане додека да се стабилизира мнозинството“ и оставката да ја одложи, но на неодредено време.
„Имаме одлука на Централниот одбор за одложување на оставките. Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по нив. Кога ги најавив на 31-ви вечерта, потврдив дека останувам да се задржи мнозинство и ако може да се појача. Очекувам парламентарното мнозинство да се стабилизира, особено она мнозинство кое е за ЕУ, за мултиетничко општество. Вечерта на 31-ви, реков останувам периодот за да помогнам во одржување на мнозинството“, рече Заев по излегувањето од партиските состаноци.

Медиумска изолација

Од тогаш до денеска од Заев практично нема изјава пред камери. Неговата комуникација со јавноста се сведува на постови на социјалните мрежи и соопштенија испратени од владината прес служба за негови средби со странски претставници.
Што ќе се случува со најавената оставка и дали таа беше само предизборен маркетинг со кој владејачката СДСМ сакаше да ја контролира штетата меѓу двата изборни круга е тема на која во моментов, никој нема одговор.

Владата демантираше дека Заев ќе тактизира со оставката

Веднаш по вториот круг од локалните избори, дел од малите коалициони партнери на СДСМ лиферуваа информација дека паднал договор Заев да остане на премиерската позиција до крајот на декември за да се почека епилогот од серијата самити на Европската Унија, бидејќи како што информираа тогаш, на Илинденска стигнала информација дека има простор за надминување на проблемот со Бугарија и старт на преговорите пред крајот на годината.
Но, уште истиот ден стигна јасен демант на оваа информација од Кабинетот на Заев.
 „Не е точно дека планот на премиерот е да ја одолговлекува оставката до декември. Оставката е јасен чин на преземање одговорност“ – одговорија тогаш од Кабинетот на Заев.

Кој би сакал да биде министер само 30 дена?

Денешната најава на Вицепремиерот Битиќи дека наскоро ќе се формира реконструирана Влада предводена од Заев која ќе има 6 до 7 нови министри уште еднаш гласно го постави прашањето, дали премиерот Заев воопшто размислува за оставка и по самитот на ЕУ на крајот од годината.
Во моментов Владата е во ситуација во која официјално нема мнозинство во Собранието и се држи на власт само поради тоа што нема ниту мнозинство кое ќе може да смени. Сепак, извесно е дека актуелниот пратенички состав има потенцијал да привлече уште некој пратеник, а во моментов Алтернатива се чини како пратија која е најподготвена да го направи тој чекор и опозицискиот дрес да го смени со неколку владини фотелји. Но, кога тоа ќе се случи се уште нема информации. Иако неофицијално веќе се зборува дека паднал договор за два владини ресори, сепак, од Алтернатива официјално велат дека преговорите се уште не се ниту почнати. Под претпоставка да завршат пред крајот на овој месец а целата процедура на реконструкција на Владата да биде готова пред почетокот на декември, се поставува прашањето, кој би се нафатил да биде министер во таа Влада само 30 дена доколку Заев планира да си замине на крајот од годината. Не дека не сме сведочеле и на такви ситуации во македонската политика, но ваквиот развој на настаните најавува епилог во кој оставката на Премиерот едноставно ќе биде заборавена.

Повторно All-in

Имајќи предвид дека во моментов целата владејачката структура сите надежи ги полага на евентуална деблокада на преговорите со Бугарија и простор за европски пробив пред Нова Година, не би требало да биде изненадување доколку ова е уште една во серијата „all-in“ игри на Премиерот Заев.

Македонија во последните 5 години практично пред секој декемвриски самит на Европската Унија добива пораки дека „шансите за старт на преговорите со големи“, но расплетот секогаш носи ново ниво на фрустрации и разочарување.
Но во ситуација кога оставката е веќе „во лер“ а рејтингот „во рикверц“ Премиерот се наоѓа во ситуација во која практично и нема што да изгуби па „all-in“ опцијата доаѓа како логичен чекор за за некој кој има најмало туце чипови на зелената чоја. Позитивен исход во Брисел би му дал силен ветер во грб, а евентуален неуспех би го вратил онаму каде што беше вечерта на 31 октомври.

Експерти

Македонската експертска јавност генерално не очекуваше ваков расплет на настаните иако претходно се има изнагледано се и сешто на македонската политичка сцена

„Иако непотребно се одолговлекува со поднесувањето на оставката до Собранието, сметам дека тоа ќе се случи оваа недела (инаку се губи смислата, а се „убива“ искреноста, чесноста и доблесноста на самиот тој чин). Потоа, ќе си течат роковите (10 дена за доделување на мандатот, а потоа и 20 дена за мандатарот да предложи состав на новата Влада), па најмногу за еден месец ќе имаме нов премиер и Влада, а сето тоа може и многу побрзо да се случи. Во СДСМ веројатно постапката за избор на нов претседател ќе трае подолго, но и не мора да е така, може ќе оди паралелно со изборот на премиер (иако не е многу веројатно тоа).
При поднесувањето на оставката, премиерот Заев истакна дека не треба да има нови избори и дека очекува СДСМ да продолжи да ја води Владата со нов премиер“ – вели во интервју за Нова ТВ објавено на 4 ноември политичкиот аналитичар Александар Кржаловски од МЦМС

Попретпазлив со предвидувањата беше Марко Трошановски од Институтот за демократија

„Ако ова е времена одлука, a oставката е одложена само за неколку дена земајќи предвид дека се дестабилизира целата ситуација можеби и ќе придонесе за некакво смирување на страстите. Меѓутоа, ако сето ова е маневарски изговор да не се поднесе воопшто оставка тогаш секако дополнително ќе биде урнисан рејтингот и на партијата и на Заев“, вели Трошановски во изјава која на 10 ноември ја дава за Радио Слободна Европа.

А.С.

16.11.2021 - 13:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега