Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, најави формирање на општинско јавно претпријатие за хигиена во првите шест дена по преземање на мандатот како клучен елемент во стратегијата за справување со алармантната состојба со нечистотијата во која се наоѓа општината.

„Ќе го поделиме Чаир на реони, секоја екипа ќе биде одговорна за една населба. Ќе се набават цистерни за миење и дезинфекција на улици, целосна механизација како електрични и механички метли“, истакна Османи.

Според него, прашањето на хигиената не е прашање на собирање на поени во предизборната кампања, туку е основно прашање за достоинствен живот на луѓето.

„Создавањето на општинско јавно претпријатие за хигиена во Чаир ќе овозможи граѓаните, кога ќе излезат од домовите наутро, првото нешто што ќе го видат да бидат работниците на комуналната хигиена кои се грижат за чист Чаир“, рече Османи.

Тој додаде дека во новото претпријатие, „Чист Чаир“ ќе бидат вработени 120 лица на кои главна работа ќе им биде одржување на чистотата. Претпријатието, исто така, ќе ја преземе и грижата за хигиената и за зачувување на верските и историските објекти во општината.

„Одговорноста за обезбедување на чист Чаир ја чувствувам повеќе како лекар и родител, отколку како кандидат за градоначалник, и тоа е многу важно. И ова ви го ветувам: дека за неколку месеци Чаир ќе го направиме најчистата општина во градот Скопје“, заврши Османи.

Leave A Reply

Exit mobile version