Општините од истокот бараат решенија за енергетската криза

Општините од источниот регион бараат алтернативни решеника за високите сметки за струја. Дел од нив најавија дека ќе го менуваат уличното осветлување, ќе поставуваат фотоволтаици на општинските институции и на објектите на комуналните претпријатија. Тоа ќе мора да го прават на кредит бидејќи самите немаат доволно средства за такви инвестиции. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов најави дека  веќе започнале постапка и до јуни ќе постави штедливи светилки и колектори, бидејќи  смета дека така како општина ќе заштедат без да имаат рестрикции.

–Можам да кажам последниот месец од минатата година вклучувајќи го и првиот квартал имаме драстично зголемување на електирчната енергија, како јавното претпријатие така и Општина Пробиштип, односно четири и пол пати е поголема сметката. За сега е во ред состојбата на Буџетот во Општина Пробиштип, но со цел да го решиме овој проблем веќе влегуваме во еден капитален проект со кој ќе се направи промена на 1700 светилки, вели Анастасов.

Поедноставување  на  постапката за соларни централи бараат и од Здружението АДКОМ. Очекуваат  поволни кредитни линии за кои гарант би била државата бидејќи општините како нивни основачи се лимитирани во тој поглед. Од таму бараат и враќање на комуналните претпријатија во повластена тарифа бидејќи обврските од последните три- четири месеци буквално им ги стопија парите за инвестиции не само на комуналните претпријатија, туку и на другите институции.

Нема анализа на висината на вкупните обврски за струја на општинските и државните институции за овој период, но за источниот регион сумата се проценува дека  е околу  два милиони евра, бидејќи само штипски „Исар“  за три сметки за струја треба плати 600.000 евра.

25.04.2022 - 14:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега