Општина Аеродром распиша јавен повик за изразување интерес за ангажирање лица за извршување јавни работи во текот на 2026 година. Како што информира Јавно претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром, право на пријава имаат сите евидентирани невработени лица, социјално ранливи категории и пензионери кои сакаат да се вклучат во активности од јавен интерес на подрачјето на општината.
Ангажираните ќе работат на одржување на јавната хигиена, што опфаќа чистење на јавни површини, празнење корпи за отпад и собирање лисја и гранки, како и на уредување на зелените површини и парковите преку косење трева и хортикултурни зафати. Дел од активностите ќе се однесуваат и на одржување на улици, пешачки патеки и тротоари.
Заинтересираните кандидати треба да пополнат пријава и да ја достават во архивата на јавното претпријатие, во просториите на Општина Аеродром. Образецот може да се подигне на лице место или да се преземе електронски од официјалната веб-страница на општината. Дополнителни информации се достапни на телефонскиот број 072 270 886.


