Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, денеска во Тетово одржа работна средба со претставници на угостителскиот сектор, земјоделци и стопанственици од Полошкиот регион, на која беше презентиран Законот за работно ангажирање на лица како нов модел на фер и законски уреден сезонски и повремен ангажман.

Тој истакна дека целта на законското решение е да се воспостави баланс помеѓу потребата на компаниите за флексибилност и обврската државата да обезбеди заштита на работниците.

„Со овој закон воведуваме фер ангажман – работа која е легална, пријавена и со уплатени придонеси. Им даваме можност на компаниите полесно да одговорат на сезонските потреби, а на работниците им гарантираме сигурност и заштита“, изјави министерот.

Дурмиши нагласи дека мерката има особено значење за Тетово, каде угостителството претставува една од најразвиените дејности. Со новото решение, угостителските објекти можат да ангажираат сезонски кадар – келнери, готвачи, шанкери, собари, доставувачи и друг персонал – до 10 лица или до 10% од вкупниот број вработени, преку поедноставена електронска постапка.

Министерот посочи дека законот не се однесува само на угостителството, туку опфаќа и земјоделство, шумарство и рибарство, каде е овозможено сезонско ангажирање до 180 дена годишно, како и дејности во домаќинствата, како што се чување деца и грижа за стари лица. Според него, ова решение претставува чекор напред во формализирањето на економијата и намалувањето на сивата зона, без да се загрозат стекнатите права на граѓаните.

Exit mobile version