Бобан Наумовски, тренер од Охрид и бодибилдинг шампион, се огласи по бруталниот напад врз Сара Ѓоргиевска, откривајќи дека лично ги познавал и девојката и осомничениот, кои биле членови на теретаната во која работи.
Во својата објава тој со емотивни зборови ја опишува Сара, посакувајќи ѝ сила да го надмине трауматичното искуство.
„За девојката има една поговорка со која може комплетно да се опише – ‘На мравка не гази’. Прибрана, културна, работлива и лепотица која се надевам ќе собере сила да остане иста после овој претрпен кошмар“, напиша Наумовски.
Тој вели дека веста за нападот го оставила во шок, особено затоа што и осомничениот му бил познат од теретаната. Според неговите зборови, станувало збор за човек кој навидум делувал мирно, повлечено и културно, а во последната година работел и како персонален тренер во Охрид.
Наумовски открива дека во текот на денот добил десетина телефонски повици од луѓе кои, исто како него, не можеле да поверуваат дека настанот навистина се случил.
Како татко на две девојчиња, тој изразува дополнителна загриженост за случајот и за информациите околу правната квалификација на делото.
„Не смееме да дозволиме општеството да дојде до точка во која татковците и браќата ќе помислуваат дека единствениот начин да ги заштитат своите ќерки и сестри е да ја земат правдата во свои раце. Тоа би било уште еден пораз на институциите и на сите нас“, порачува Наумовски.
Неговата реакција е уште едно сведоштво за шокот и неверувањето што случајот со Сара ги предизвика во Охрид.


