На Битола и треба градоначалник со искуство и да знае да менаџира посебно во развојот на локалниот економски развој, истакна Јорго Огненовски, кандидат за градоначалник на Општина Битола, поддржан од политичката партија Демократи.
Според Огненовски, во Битола е потребна брза заштита на објекти и инвестирање во нови кои ќе им користат на младите и возрасните битолчани.
-На Битола и треба градоначалник со искуство, да знае да менаџира и посебно да е посветен на врвна економија бидејќи младите заминуваат. На Битола и треба заштита на најважните објекти како што на пример е хотелот „Битола“ познат како старски дом кој пред нашите очи се распаѓа, заштита на најстарото основно училиште „Гоце Делчев“ чиј училишен двор е претворен во нелегален паркинг, а заштита е потребна и на училиштата во битолските села кои немаат основни услови за настава. Тоа се само дел од мотивите што одлучив да се кандидирам за градоначалник, истакна Огненовски.
Во изјава за медиумите, Огненовски нагласи дека доколку биде избран за градоначалник, ќе иницира законски промени за целосна слобода, децентрализација на општините.
-Како одличен градоначалник и менаџер ќе привлечам инвестиции за економско зајакнување на градот, а со промена на законските надлежности Битола ќе може самоиницијативно да гради фабрики, здравствени објекти, училишта и детски градинки без да чека милост од министерствата кои треба да дадат согласност за општинските проекти. Зголемениот степен на децентрализација ќе и овозможи на Битола како економски моќна општина сама да инвестира во сопствениот развој. Еден од предлозите за нова фабрика ќе биде изградба на фабрика за велосипеди, посочи Огненовски кој на гласачкото ливче е под реден број 29.
Кандидатот за градоначалник на Општина Битола, Јорго Огненовски е против изградбата на регионална депонија во која ќе се депонира отпадот од 18 општини во регионот и предлага да се изгради фабрика за преработка на отпадот со филтри и систем за селекција по примерот на фабриките во големите европски градови со што ќе се превенира и во голема мера ќе се намали бројот на заболени лица од канцер во градот.