Судењето против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, денеска се одложи.
Главната расправа закажана за денеска е поместена за 20 април, по барање на бранителите Кире Богатинов и Кристина Николова, кои информирале дека истовремено имале обврска во друг предмет со приоритет во Основниот суд Кочани.
Судијата телефонски го контактирал бранителот и побарал да обезбеди присуство на друг адвокат за денешното рочиште. Како замена, присуствувал друг адвокат и била утврдена динамиката за наредните рочишта.
На денешното рочиште било соопштено дека утрово биле доставени повеќе листи на докази, а судијката Фанка Јанчулева Михаиловска апелирала тие да се доставуваат навремено, бидејќи доцнењето влијае врз траењето на постапката и можноста доказите да бидат разгледани и доставени до Јавното обвинителство.
Во судницата денеска бил прочитан уште еден предлог за одлагање, доставен во 9:10 часот. Судијката реагирала на аргументацијата во предлогот, посочувајќи дека е важно внимателно да се избираат зборовите во поднесоците и настапите на одбраната.
Друг бранител предложил спојување на постапката со главното судење за „Пулс“, каде што се опфатени 35 обвинети, меѓу кои управители, градоначалници и вработени во Министерството за економија.
Случајот го застапува обвинителката Спасенка Андонова од ОЈОГОКК, а обвинети се Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
Предметот се однесува на 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

