Од успехот на Новогодишната кошница ќе зависат Велигденската и Рамазанската кошница

 

Од успехот на Новогодишната кошница ќе зависи дали Велигденската и Рамазанската кошница ќе одат со акции или, пак, со одлука за замрзнување на цените, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

-До 15 јануари, до кога трае Новогодишната кошница, ќе се знае дали ги постигнала очекуваните резултати или не. Оваа кошница ја направивме со акција, односно самите чинители одлучија да ги намалат цените на производите кои најмногу им се трошат за новогодишните празници, а ние само ги поддржавме. Доколку се покаже дека не ги исполнила очекувањата следните две кошници ќе ги донесеме со одлуки за замрзнување на цените, рече Дурмиши на денешната средба со новинарите.

За почетните малверзации со цените при спроведувањето на Новогодишната кошница подеднакво ги обвини производителите, дистрибутерите и трговците.

-На моето биро има готова изготвена одлука за замрзнување на цените и доколку Државниот пазарен инспекторат при контролите укаже на злоупотреба на цените на основните производи веднаш за само еден час од тоа ќе биде донесена одлука на Влада за воведување на таква мерка, рече Дурмиши.

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески рече дека во минатото се покажало оти пазарната логика не работи во нашата економија и дури и во периоди кога имало намалување на цената на енергенсите не се намалувала цената на производите. Додаде дека со Законот за нефер трговски практики ќе има глобално регулирање на деловните односи меѓу производителите, добавувачите и трговците што на подолг рок ќе доведе до стабилизирање на цените во малопродажбата.

– Разни маркети имаат разни политики во своето работење и ние не се мешаме во тоа бидејќи е пазарна економија. Некој ако сака може и 100-отсто да стави маржа ако му одат купувачи и ако купуваат, тоа не е наш проблем. Пазарна логика е купувачите да одат кај оние маркети кои имаат помала маржа- тоа е пазарна економија. Законот за нефер трговски практики исклучиво ги регулира односите на производители и добавувачи со трговците на мало и на големо. Во него точно е прецизирано дека маржата не смее да биде поголема од 10 отсто во кои влегуваат рабат и други трошоци и дека тие 10 отсто не смеат да се надминат во текот на годината, а во текот на месецот можат да се надминуваат ако имаат акции на одредени производи, рече Ристески.

Кога има стабилизирани цени за крајните потрошувачи, додаде, има стабилизирана инфлација и намалување на цени за одредени производи за одредени износи, бидејќи претходно рабатите беа многу големи и се движеле дури и до 40 отсто.

30.12.2024 - 13:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега