Семејствата на загинатите побараа правда: Не ги штитете убијците, нема да молчиме

 

Сѐ видовме, сѐ знаеме и нема да молчиме. Семејствата на загинатите и на повредените на осмиот „Марш на Ангелите“ побараа одговорност за, според нив, вистинските виновници за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија 62 луѓе. 

Пред Полициската станица во Кочани кажаа дека сопственикот и полициските службеници кои кобната ноќ постапувале во дискотеката имаат директна вина за несреќата.

-Од алчност за пари газдата-монструм ги натрупа нашите деца како стоки, а полицијата ја затвори вратата. Ја држеше затворена. Децата борејќи се внатре за живот, и трчајќи кон вратата тие мислеа дека бегаат поради контрола. Тие што најмногу требаше да ги заштитат се најголемите виновници. Полицијата, инспекторите, газдата и обезбедувањето. Сите тие. И сега што? Слободни, со исправени глави, без срам, како ништо да не било. Ние не сме наивни, ни глупави, ни не забораваме, рече една од мајките во говор пред Полициската станица во Кочани. 

Трагедијата, рече таа, не беше несреќа, беше масовно убиство.

-Не посакуваме никому зло, но нека се стават во наша кожа. Само една минута да си го замислат нивното дете таму позади таа врата, пред пламенот викајќи и барајќи помош. Ова не беше несреќа, ова беше масовно убиство. Ние не бараме милост, бараме правда, за секое дете што никогаш нема да се врати, За секоја мајка што секоја вечер го гушка воздухот наместо нивното дете. До државата велиме, нема да замолчиме. Не ја штитите полицијата, не ги штитите виновниците, бидете луѓе ако ви останало нешто човечност. Вечната болка за нас - доживотна одговорност за вас, рече таа. 

31.05.2025 - 19:17
Фото: 
Принтскрин/Инфомакс

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега