Собранието го избра Сашо Клековски за нов министер за здравство, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на реконструкцијата на Владата.

Клековски до изборот на министерската функција беше директор на Фондот за здравствено осигурување. Тој дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а има завршено и МБА академска програма на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАЦС).

Според неговата биографија, од 2007 до 2010 година ја извршувал функцијата прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија.

Од 2013 до 2016 година бил предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент при УАЦС, каде што на МБА студиите го предавал предметот „Претприемнички финансии“.

Клековски учествувал и во подготовка на повеќе национални стратегии во јавниот сектор, меѓу кои првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година.

Во неговата биографија се наведува и неговиот ангажман во јакнење на институционалните капацитети на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Од 2012 до 2024 година бил колумнист во дневниот весник „Нова Македонија“, а своите ставови ги објавувал и на блогот „Меѓутоа“.

Изборот на Клековски е дел од кадровските промени што се реализираат во рамки на реконструкцијата на Владата.

Exit mobile version