Од 1 август ќе плаќаме плус 250 денари за топлинска енергија

Од 1 август цената на парното греење ќе биде зголемена за 14,18 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Тоа значи дека кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето би било 250 денари.

– Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија. За производство на топлинска енергија користиме увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.

Доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, како што посочи Бислимоски, цената би се зголемила за над 100 проценти.

– Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут, што е многу неповолно од еколошки аспект, и е ризично заради потенцијалната неможност да се обезбедат потребните количини на мазут, рече Бислимоски.

Апелира до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.

– Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 проценти, рече Бислимоски на денешната прес-конференција. 

29.07.2022 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа