Обилни врнежи од дожд се регистрирани во западните делови на земјава во изминатите 24 часа, а најмногу дожд наврнал во Лазарополе, каде се измерени 24 литри на квадратен метар, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Пожаране се измерени 22 литри на квадратен метар, во Маврови Анови 18, на Попова Шапка 14, а во Тетово 12 литри.
Врнежи се регистрирани и во Претор, каде наврнале 8 литри на квадратен метар, во Крушево 7, во Охрид и Битола по 6, во Тополчани 2, додека во Прилеп, Берово и Велес е измерен по еден литар на квадратен метар.
Според прогнозата на УХМР, дождот ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Времето ќе биде облачно со повремени врнежи, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на квадратен метар за 24 часа.
По одделни котлини и на некои повисоки места ќе има појава на магла, а ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се движи од 6 до 13 степени.
Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб ветер од променлив правец, а максималната температура ќе достигне 10 степени.

